Летово, Чикаго Булс го прибраа Бен Волис, одличен дефанзивец кој можеби
е најлошиот шутер во професионалната кошарка. Овој потег беше примен со
скептицизам, делумно и поради големата возраст (32 години) и плата на
играчот. Но тоа е и резултат на општо прифатеното убедување дека во
оваа ера на атомски НБА напаѓачи, на Чикаго повеќе му се потребни
играчи што ќе поентираат одошто некој што ќе ја засили ионака солидната
одбрана. „Ако мислат да се натпреваруваат за титула во 2007 со тим што
е направен за правилата од 2003, Господ нека ги благослови“, се вели во
еден коментар на ESPN.com.
По сезоната 2003/04, НБА забрани
хенд-чекинг надвор од зоната за два поени. Од лигата се надеваа дека
ако му се застане на пат на туркањето и грабањето, офанзивните ѕвезди
ќе можат повеќе да се движат, повеќе да поентираат и да креираат
естетски поубава и попријатна игра за гледачите.
Бројот на
поените по натпревар, според намерата се зголеми. Тоа пак ги натера
аналитичарите да заклучат дека одбраната е помалку битна од порано.
„промените
на правилата во последните неколку децении предизвикаа дефанзивно
ориентираните тимови да чекорат по патот на диносаурусите“ или „сега
можеш со просечна одбрана да освоиш титула, но мораш да имаш добар
напад, а порано беше обратно“, се некои од коментарите што ги
отсликуваат споменатите масовно прифатени (и погрешни) заклучоци.
Се
разбира дека новите правила го отежнуваат играњето одбрана. Останува
нејасно како би можело тоа да ја чини одбраната помалку битна. Два
фактори определуваат кој ќе го добие натпреварот: колку поени ќе
постигне твојот тим и колку поени ќе постигне противничкиот тим.
Бидејќи топката горе-долу е во посед кај едните и кај другите
фифти-фифти, најлогично би било дека нападот и одбраната би требало да
имаат подеднакво значење. Дури би држел и аргументот дека, во ера кога
е полесно да се поентира одошто да се одбрани, играчот што може да го
спречи противникот да поентира е побитен од некој што може да ја уфрли
топката во кош.
Тоа што анти-дефанзивното расположение нема
теоретска логика е целосно поддржано и од статистиките. Новите правила
се во функција само две сезони, поради што и најтемелното истражување е
лесно да се изврши. Актуелниот шампион, Мајами е избалансиран тим со
седми по ефикасност напад и деветта најефикасна одбрана. (Статистика на
ефикасност – мерка на колку поени тимот постигнува или прима при 100
поседи – според basketball-reference.com). Мајами го победи тимот на
Далас, кој го имаше најдобриот напад и 10-ата одбрана во лигата. Во
2005, Детроит Пистонс ја освоија Западната Конференција со 3-та одбрана
и дури 16-ти напад. Во финалето изгубија од Сан Антонио Сп’рс, кои имаа
8ми напад и НАЈДОБРА одбрана. Според овие показатели, изгледа дека
дефанзивно ориентираните тимови имаат подеднаков шампионски
кредибилитет како и офанзивните.
Исто така т’нка е вистината во
теоријата дека во „златните времиња“ обично победувале тимовите со
најдобра одбрана. Всушност, тоа се има случено само двапати во 15
години: ’99 Сп’рс и ’96 Булс се единствените шампиони што ја биле
предводници во дефанзивна ефикасност. Кога станува збор за Чикаго,
истата екипа имаше и најдобар напад во лигата, што е случај со нивните
шампионски тимови од 1991, 92 и 97.
Со други зборови, реалноста
е сосема логична. И нападот и одбраната се значајни, како што впрочем и
отсекогаш биле. Да се отскокнува од другите во едното или другото е
одлична работа, но успехот е недостижен доколку работата не се врши
добро и на двете страни на теренот. Новите правила не ја зголемуваат
релативната важност на нападот. Само ја имаат променето природата на
тоа што функционира во офанзива. Конкретно, помалите и брзи периферни
играчи се поефикасни од порано. Како последица на тоа, ниско
поставената одбрана иако е сеуште корисна, веќе не е неопходна како
порано.
Намаленото значење на нападот во рекетот објаснува зошто
Бен Волис толку вреди. Бидејќи неговиот тим може да се потпре на
периферно поентирање, неговата офанзивна ограниченост веќе не е толку
проблематична како што би била претходно. Од друга страна, пак,
одбраната станува посложена и квалитетните бананџии како Волис ротираат
во втора линија на одбрана против брзите надворешни пенетратори, кои
претставуваат најголеми ѕвезди во последниве години.
Како и во
изминатите години, тимовите што добро ќе минат во плеј-офот во 2007
најверојатно ќе бидат одлични на двата краја од теренот. Со тоа и ќе се
стави крај на муабетите дека одбраната не е битна. Во тој момент,
поддржувачите на храбриот нов свет на офанзивна доминација ќе бараат
објаснување зошто се излажале. Претпоставка е дека оправдувањето ќе го
најдат во новиот синтетички баскет.
Сепак, вистината е дека одбраната е половина од играта, отсекогаш била и отсекогаш ќе биде.