Германскиот економист Бернд Дреслер одлучил да ја напушти својата работа како агент за осигурување и отворил агенција за посредување при раскинување на љубовни врски. Вели дека бизнисот му цвета.
Задачата на Дреслер е да ја заврши работата во име на мажите или жените кои немаат храброст да му ја соопштат на партнерот "тажната вест". За оваа услуга тој наплаќа по 50 евра.
Откако пред нешто помалку од една година го започнал бизнисот, имал повеќе од 200 нарачки, а поради се поголемиот интерес планира да запосли и помошник.
Средбата со оставените несреќници не трае подолго од три минути, а примателите на веста најчесто се шокирани. "Никој од нив не ме повикал на кафе" - вели духовито Дреслер.
Тој на своите клиенти им нуди и дополнителна услуга - во нивно име од оставената личност да бара и враќање на лични предмети, под услов сите да можат да бидат собрани во еден куфер. Во понудата има и специјални курсеви за оние кои сакаат на партнерот лично да му ја соопштат желбата за прекин на врската, а не знаат како да го направат тоа.