400.000 примероци од Renault Clio на сервис
Renault конечно призна сериозен недостаток на целата серија на популарниот модел Clio 2. Конкретно, се работи за бизарен дефект на држачите на хаубата, што како последица има отворање при големи брзини.
Познатото британско здружение за заштита на потрошувачите Watchdog веќе од поодамна прима жалби за спомнатиот модел, а целата работа кулминирала минатата недела. Watchdog објавиле и интервју со поранешниот PR менаџер на Renault, Граем Холт, кој изјавил: "Мислам дека тоа е срамно. Загрозувањето на животите на сопствените купувачи е навистина сериозна работа".
Watchdog за прв пат јавно го поставиле овој проблем минатата година, а од тогаш се јавиле уште 1000 незадоволни купувачи со истиот проблем. Во Renault наводно отсекогаш се оградувале од проблемот, префрлувајќи ја вината на купувачите поради лошото одржување, но Холт смета дека тоа сепак е фабрички проблем: "Ова се случува само со Clio, а тоа укажува на нешто".
На крајот, Renault под притисок на Watchdog ги повика сопствениците во сервис на проверка на спорниот држач. Се работи за 400.000 возила произведени помеѓу 1998 и 2005 година.